Во Охрид судење на обвинетиот за нападот врз Христијан Пендиков

Обвинителството тврди дека вечерта на 19 јануари, Илија Спасевски дошол до масата во угостителски објект каде што седел Пендиков, велејќи му: „Не ли ти е срам да се пишеш Бугарин?“ Потоа во 21 часот и 30 минути Пендиков излегол од објектот, а обвинетиот заедно со уште едно непознато лице го следеле и го нападнале. Во меѓувреме како што рече обвинителката, некој им викнал да го остават или ќе биде повикана полиција.
„Илија Спасевски рекол: Не вреди за Бугарин да викаш полиција. Еден да не остане и со раце и нозе му нанеле тешки телесни повреди“, рече Викторија Коваческа Мандулоска- Јавен обвинител.
На рочиштето беа изведени и видео-докази од безбедносните камери во околината на кои се гледа како две лица го удираат Пендиков, а трето лице гледа од страна, но не се вклучува во тепачката.
Но, според адвокатот на обвинетиот, доказите не потврдуваат дека Илија бил учесник во настанот и оти го повредил Пендиков.
„…Вие ги гледавте снимките, кај што обвинителот вели: ‘Јас мислам дека е тој’. Не треба некој да мисли дека е тој или овој. Треба да има докази од кои неспорно мора да се утврди“, рече Димитрија Цобоски, адвокат на обвинетиот.
Пендиков, кој веднаш после настанот, со бугарски владин авион беше однесен во Софија на лекување, денеска не се појави на судењето иако бил уредно поканет. Неговиот адвокат тврди дека имал здравствени проблеми.
„Христијан Пендиков ќе се појави секако кога ќе му заврши лекувањето. Сега е во подобра здравствена состојба… Ве молам без сензации. На следното рочиште не знам дали ќе се појави…“, рече Стефан Камишевски, адвокат на Христијан Пендиков.
Случајот ги влоши и така затегнатите односи меѓу Македонија и Бугарија. Следното судење е закажано за 31 мај.
Мики Трајковски