Реализирани само 10% од стратегијата за борба против корупцијата

Во текот на 2022 година биле реализирани само 10 отсто од стратегијата за борба против корупцијата, што остава простор за нејзин натамошен раст во земјава. Оваа информација, според шефицата на Антикорупциската комисија, Билјана Ивановска, ја докажува слабата посветеност на институциите, честите смени на функционери, како и недоволно професионалната администрација што е резултат на политичките влијанија при вработувањето.
Но, вицепремиерката за добри политики, Славица Грковска не се согласи со ставовите на Ивановска.
Евроамбасадорот отворено вели дека корупцијата кај нас е на загрижувачко ниво.
„Имаме вознемирувачки резултати, само 10% од реализацијата на активностите, што е половина од процентот од 2021 година кога имаше 20% реализација, иако и тогаш тоа не беше охрабрувачки број. Водечката улога мора да ја преземе Владата, но и Собранието, државните институции и судството. Од клучно значење е и политичкиот ангажман, што значи дека министерствата, локалната самоуправа во државните институции мора дефинитивно да постапуваат според препораките на Антикорупциската комисија и Државниот завод за ревизија“, рече Гир.
Претставникот на Американската агенција за меѓународен развој, УСАИД во Македонија, Дон Кармин истакна дека САД како земја партнер дава поддршка, но главната борба мора да ја направат самите домашни институции.
„Ние сме ваш партнер и ќе користиме широк спектар на алатки за да постигнеме успех, но ова е ваша земја и не можеме да ја решиме корупцијата во вашата земја“, рече Кармин.
За надминување на ризик-факторите во институциите, идентификувани се 54 проблеми, предложени 111 мерки и 191 активност, од кои 40 отсто се однесуваат на секторите образование, здравство и спроведување на законот. Најнизок степен на спроведување на антикорупциските активности е забележан во Министерството за информатичко општество и администрација, каде не била почната ниту една од предвидените 13 активности за борба против корупцијата. Потоа следуваат Министерството за земјоделство и Фондот за здравство.
Мефаил Исмаилие