Предлог закон за солидарност – блокиран поради противење на ВМРО ДПМНЕ
Предлог закон за солидарност – блокиран поради противење на ВМРО ДПМНЕ

Со воведувањето на најавениот данок за солидарност ќе бидат погодени најмногу оние бизнисмени кои во време на криза се решија да инвестираат. На удар ќе бидат и акционерите. Бизнис заедницата смета дека мора да има промени во предлог текстот на Законот за солидарност кој е влезен во Собранието пред повеќе од еден месец.
„Менаџерите вообичаено прават финансиски планови, предвидуваат раст и развој на компаниите и не очекуваат вакви невообичаени активности. Во овој случај компаниите ќе бидат многу погодени, поготово сметководствениот сектор за да докаже колку треба и како треба да се плати тоа. И зошто е направено да платат најмногу оние кои инвестирале најмногу“, изјави Ромео Костадинов претседател на Комора на сметководители.
И од Стопанската комора, каде членуваат поголемите компании од Македонија кои претежно се извозно ориентирани велат дека законското решение се носи доцна, не е испочитуван даночниот календар, па компаниите го немаат ставено тој трошок во нивните биланси. Бизнис заедницата смета дека ова решение може да се избегне со образложение дека парите кои би се собрале на овој начин може да се обезбедат на друг начин.
„ Бевме консултирани од страна на Владата, во неколку наврати, ние имавме сериозни забелешки и за критериумите, па тие се менуваа и се приспособуваа, меѓутоа исто така сметаме дека ова решение можеше да се избегне“, велат од Стопанска комора.
Повеќе од еден месец предлог Законот за данок на солидарност е во Собранието. Не е ставен на дневен ред затоа што опозициската ВМРО ДПМНЕ бара да се организираат јавни дебати на кои ќе учествуваат сите засегнати страни. Планот на власта е сите компании кои лани заработиле над 10 милиони евра и го надминуваат просекот од претходните четири години да платат екстра данок на државата, а парите да бидат искористени за понатамошно надминување на енергетската криза./Алсат.мк
Иле Петревски