ССМ гневен на власта: „На автопатите работници ќе гинат и ќе се разболуваат“

Поради бизнис-интереси, индивидуалци во Владата и во Собранието сакаат на работниците да им го одземат пристојното работно време кое е едно од најголемите цивилизациски придобивки на луѓето. Синдикатите обвинуваат дека пратениците не знаат што значи да се работи 190 часа повеќе од законските норми во годината, а дополнително на тоа, повеќе од три месеци работниците во проектот за автопатите нема да имаат слободен ден, а нема да може да одмораат ниту во недела.
„Работниците на тој проект веројатно ќе изгинат, веројатно ќе добијат одредени заболувања, ќе добијат одредени повреди кои ќе значат опасност по нивните животи. Математиките кои ние ги правиме велат дека работниците на тие проекти ќе работат по 12 часови дневно“, рече Слободан Трендафилов ССМ.
Борците за работнички права се револтирани дека вакви сериозни измени во Законот за работни односи пратениците од власта сакаат да ги направат во рок од два дена и тоа, како што велат синдикалците, на еден срамен и недостоинствен начин. ССМ апелира до пратениците да не ги гласаат овие законски измени.
Инаку, пред неколку месеци синдикатот ги оспори пред Уставниот суд намерите работниците на проектите на Бехтел и Енка да работат прекувремено. Иако Уставен донесе одлука дека тоа не смее да се случи, пратениците тоа се обидуваат да го заобиколат предложувајќи слично, малку сменето решение. Во исто време, истите тие пратеници ја почитуваат одлуката на уставните судии која им овозможи да добиваат повисоки плати за дури 78%.
Ако поминат измените во Законот за работни односи, синдикалците тврдат дека работничките права во Македонија ќе се вратат дури 50 години наназад.
Иле Петревски