Формирана работната група за уставните измени

Ниту една опозициска парламентарна партија не предложи член во работната група на Министерството за правда за уставните измени. Од Министерството денеска ја објавија листата на членови. Како претставник на СДСМ ќе учествува Цветанка Иванова, од ДУИ – Арбер Адеми, Ремзи Мехмеди од Алијанса за Албанците, како и уште седум претставници на партии од владејачката коалиција. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски рече дека темата за работната група за него е затворена. Тој претходно повика на дуел или лидерска средба за да се разговара за партискиот предлог за промена на Уставот по хрватски терк, што не наиде на одобрување кај власта. Иако се очекуваше, до вчера на полноќ свој претставник не назначи ниту БЕСА. Во работната група ќе нема членови ниту од Алтернатива и Левица.
Од Министерството за правда велат дека паралелно со работата на новоформираната група, ќе течат и јавни расправи на кои секој ќе може да го искаже својот став за уставните измени.
„Ова работно тело е формирано од Министерството за правда кое е задолжено од Владата да ја подготви предлог иницијативата за потребата од уставни измени. Владата е предлагач на уставните измени. Откако ќе се подготват измените, предлогот ќе ги помине сите работни тела во рамките на Собранието“, наведуваат од Министерството за правда.
До крајот на неделава Министерството ќе ги објави и поканетите експерти, меѓу кои е и поранешната судијка во Стразбур, Маргарита Цаца Николовска. Таа вели дека оваа работна група не ја заменува уставната комисија во Собранието, каде подоцна во текот на процесот ќе се најдат предлог амандманите.
„Работната група презентира некое видување. Каква ќе биде понатаму политичката активност е сосема друго прашање. Собранието е тоа што ќе треба да ги гласа и затоа мене ме чуди зошто сега треба да се дискутира дали има консензус или нема. Консензус се знае дека нема, меѓутоа граѓаните треба да имаат повеќе информации меѓу другото и зошто нема консензус“, вели Маргарита Цаца Николовска – поранешна судијка во Стразбур.
Работната група се очекува првиот состанок да го одржи по претстојните празници. Во неа ќе членуваат и Александар Спасов како претставник на Кабинетот на претседателот на државата, Драган Тилев од Секретаријатот за европски прашања и Шпенд Садики од Министерството за надворешни работи.
Членови на предлог на парламентарни партии:
Цветанка Иванова-СДСМ
Арбр Адеми-ДУИ
Ремзи Мехмеди-Алијанса на Албанците
Соња Мираковска-НСДП
Нано Ружин-ЛДП
Христа Најданов-ДОМ
Темелко Ристески-Партија на пензионери
Раметула Куќи-ДПА
Еран Куртиш-Партија за движење на Турците
Бејџан Илјас-Демократска партија на Турците
Лука Андреев