Худолин: Европска помош за исполнување на Зелениот договор на ЕУ

ЕУ пред неколку недели на Северна Македонија ѝ даде дел од пакетот вреден 80 милиони евра за поддршка во енергетиката со цел да ги намали давачките на граѓаните за сметки за струја, но и да им помогне на бизнисите погодени од енергетската криза, рече во разговор за „Економски Магазин“ на Алсат, Штефан Худолин од делегацијата на ЕУ. Како што додава тој, помошта ќе опфати и долгорочни мерки за земјава и за регионот.
„Со пакетот сакаме да поддржиме и долгорочни ефекти за преминување на компаниите од фосилни горива кон енергетски ефикасни и обновливи енергетски системи. Дополнително, европската помош за државата и за регионот ќе биде насочена и кон исполнување на целите од Зелениот договор, климатска неутралност до 2050 година и се надеваме дека комбинирајќи ги средните, долгорочната и краткорочната поддршка ќе ја надминеме кризата, но на крајот ќе ја исполниме и европската цел, да бидеме климатски неутрални до 2050 година“, рече Худолин.