МАКЕДОНИЈА

Премиерот Ковачевски: „Христијан Мицкоски не е релевантен да зборува…“

Откако претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кажа дека за него темата за работната група на Министерството за правда за уставните измени е затворено прашање, одговор пристигна од премиерот Димитар Ковачевски. Тој вели дека процесот на уставни измени ќе продолжи и без учество на опозицијата во работната група.

Advertisements

„Верувам дека нашето Собрание има демократски капацитет. Најпрвин, претседателот на опозицијата не е пратеник, така што тој не е релевантен да зборува за тоа прашање. Второ, тој многу често ги менува своите ставови“, рече Ковачевски.

Премиерот додаде дека Мицкоски на средбата со поранешниот бугарски премиер Кирил Петков дал поддршка за уставните измени, но потоа го променил ставот.

Инаку, од власта истакнаа дека првиот состанок на групата ќе се одржи по велигденските празници, а до крајов на неделава ќе бидат објавени и имињата на поканетите експерти. Во групата не учествува ниту една опозициска партија. Ковачевски пак, појасни дека откако работната група ќе ги даде предлозите за уставни амандмани, тие ќе бидат ставени на јавна расправа, а потоа процесот ќе продолжи во Собранието. Прв чекор од процесот во Собранието е изгласувањето потреба за промена на Уставот, за што е неопходно двотретинско мнозинство.

Засега е нејасно дали опозицијата ќе даде поддршка за потребата за отворање на Уставот, бидејќи претходно Мицкоски кажа дека текстот на уставните измени не треба да го составува работната група на Министерството за правда, туку парламентарната уставна комисија, што е втор чекор од процесот во Собранието. Дополнително, поддршката за уставни измени ВМРО ја услови со хрватски модел за Преамбулата, но тоа власта и албанските партии го одбија.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button