Ревизијата во Арачиново ја побарал актуелниот градоначалник
Ревизијата во Арачиново ја побарал актуелниот градоначалник

Државниот ревизорски извештај за општина Арачиново се однесува на минатото раководство, а ревизијата била направена по барање на актуелниот градоначалник. Ридван Ибраими вели дека ја затекнал општината со многу неправилности и злоупотреби од претходното раководство и очекува одговорност за тоа. Според него, граѓаните не се виновни што во општината никој не плаќа данок на имот, бидејќи самата локална власт не им го овозможила тоа. Тој рече дека овој процес е веќе започнат и досега се регистрирани 2091 куќа, од кои 15 отсто веќе доброволно платиле. Се очекува да бидат запишани уште 450 куќи.
„Речиси сите имоти се проценети, запишани и повремено се издаваат решенија на терен. Повторувам, повремено, затоа што јас кога го добив мандатот не најдов дата-база на податоци или ваква програма, па требаше тим на терен да оди од куќа на куќа, да регистрира и да оценува имоти, а нашите граѓани да го имаат ова право, да имаат можност, општината да им овозможи, да ја извршат исплатата и ова го кажувам со голема одговорност, дека тоа се прави и досега има плаќања“, рече Ридван Ибраими, градоначалник на општина Арачиново.
Во објавениот извештај на Државниот завод за ревизија беа констатирани низа неправилности, меѓу кои и прашањето за упис на имотот.
„Општината не води регистар на недвижности, не издава решенија за наплата на данок на имот кон физички и правни лица, додека данокот на промет на недвижности и данокот на наследство и подарок не се утврдуваат согласно Методологијата за утврдување на пазарната вредност“, велат од Државен завод за ревизија.
Во ревизорскиот извештај беше констатирано и дека нема целосен преглед на општинската такса која се плаќа при регистрација на возилата и општинската такса за користење и одржување на јавното осветлување./Алсат.мк
Ајнур Бафќари