Продолжува растот на цените на недвижностите
Продолжува растот на цените на недвижностите

Продолжува растот на цените на недвижностите во Македонија. Од градежниот сектор велат дека во новоизградена зграда во општина Центар метар квадратен станбен простор се движи од 1.600 до над 2.000 евра. Во скопски Карпош цените се движат од 1.300 до 1.800 евра, а новите станови во Аеродром се од 1.300 до 1.500 евра. Во Чаир цената надмина 1.000 евра, а истото се случува и во Битола, а пак во Охрид, цените веќе се над 1.300 евра за метар квадратен.
Цени на станови
Центар 2.000 евра
Карпош 1.800 евра
Аеродром 1.500 евра
Чаир 1.000 евра
Битола 1.000 евра
Охрид 1.300 евра
Причината за ваквите цени градежниците ги правдаат со растот на цените на градежните материјали, но и зголемувањето на платите на градежните работници кои се сè повеќе дефицитарни бидејќи масовно се селат и работат на градилиштата низ Европа.
„Ако во 2022 за разлика од година претходно имаше помалку предвидени станови за градба ќе сфатиме дека со тоа годинава и следната ќе имаме помала понуда на станови и заради тоа е доволна причина зошто цената на становите сè уште држи некоја висока брзина и оди на поскапување“, рече Андреа Серафимовски, Здружение на градежништво.
И Народната банка објави извештај во кој се наведува дека во првиот квартал годинава има зголемување на цената на становите во однос на истиот период лани и тоа за близу 20 отсто. Податоците на Народната банка покажуваат дека во првите три месеци од годинава има раст на цените и во однос на четвртиот квартал лани за 1,5 отсто. Информациите велат дека има раст на склучените договори за закуп, но пад на продажбата на бројот на продадени станови./Алсат.мк
Иле Петревски