Следнава недела ќе знаеме кои експерти ќе го кројат Уставот
Следнава недела ќе знаеме кои експерти ќе го кројат Уставот

Целосната листа на експерти и членови на работната група за уставни измени ќе биде објавена следната недела. По формирањето ќе има и конститутивна средба на која ќе бидат поставени контурите на процесот. Министерот за правда Кренар Лога апелира да учествуваат сите партии.
„Во текот на наредната недела ќе биде објавен целосниот список на експерти, членови на работната група за уставни измени, каде ќе учествуваат најмалку поранешни претседатели на Уставниот суд, поранешни членови, експерти од областа, сите стручни лица и соодветен кадар кои работеа на уставни измени. Откако ќе се комплетира групата, во координација со членовите на сите институции и експерти, ќе ја закажеме конститутивната средба, по што ќе следи понатамошна работа“, изјави Кренар Лога, министер за правда.
Шефот на дипломатијата Бујар Османи вели дека во работната група треба да се разговара за сите прашања, но оти според него, сега е момент да се надминат европските пречки, па не сака барањата како она за бришење на терминот „20%“ од Уставот, да се зема како алиби за пречка. Османи додаде дека за прашањето за албанскиот јазик може да се зборува во некоја друга прилика, бидејќи, вели – постои општо расположение за такво нешто.
„Ако може, би било одлично. Знаејќи ги околностите, со тоа што имам повеќе информации за деструктивните намери на некои структури да го попречат европскиот пат и да им нанесат штета на проевропските структури во земјава, мислам дека може да се злоупотреби како тема. Мислам дека треба да бидеме внимателни. Не кажав дали треба или не треба. Сите прашања што ги имаат политичките партии треба да бидат искажани во комисијата. Ако имаат ставови, а не станат дел од комисијата, тогаш не сакаат ни уставни измени“, нагласи Бујар Османи, министер за надворешни работи.
Од партијата Алтернатива инсистираат услов за учество во процесот на уставни измени е да се прифати нивниот амандман со кој се предвидува делата за злоупотреба на службената положба да не застаруваат. ВМРО-ДПМНЕ останува категорично против уставните измени, а Беса условува со бришење на фразата „20 отсто“. Кон овој услов се приклучи и фракцијата во ДУИ. Во моментов парламентарното мнозинство има само 65 гласа, а за промена на Уставот треба поддршка од 80 пратеници./Алсат.мк
Адријан Керими