ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

СДСМ без конкретен одговор за „20%“, приоритет им се Бугарите

СДСМ нема конкретен одговор дали поддржува замена на формулацијата „јазик што го зборуваат 20% од населението“ со „албански јазик“, откако коалицискиот партнер Алијанса за Албанците предложи оваа тема да се разгледа во новоформираната работна група за уставни измени. Од Алијанса претходно повикаа сите партии да учествуваат во работната група на Министерството за правда и – како што велат, да се исправи неправдата околу именувањето на јазикот. Од ДУИ истакнаа дека би дале поддршка, но посочија дека треба да се внимава со ова прашање, за да не се искористи како алиби при процесот на гласање на уставните измени. Со сличен став како ДУИ се и социјалдемократите, кои велат дека во овој момент единствен приоритет е внесот на заедниците.

Advertisements

„Отворени сме да разговараме за сите прашања, но важен приоритет се уставните измени во делот на внесувањето на Бугарите, Црногорците и Хрватите, затоа што тоа е важно, тоа е предуслов за продолжување на преговорите со Европската Унија“, рече Дарко Каевски – пратеник на СДСМ.

Претходно поддршка за промена на формулацијата пристигна од претседателот Стево Пендаровски, според кого, нечиј етнички идентитет не треба да се крие зад броеви. Засега е неизвесно дали темата ќе биде на маса кај експертите кои ќе ги кројат уставните измени. Иако беше најавено за кон крајот на минатата недела, од Министерството за правда предводено од Кренар Лога од Алијанса за Албанците, најавија дека утре ќе објават кои се експертите по уставно право кои се поканети за учество. Оттаму велат дека засега е рано за прва средба бидејќи групата сè уште не е конституирана. Објавени се само имињата на експертите кои беа на предлог на парламентарните партии и тоа само од владејачката коалција, бидејќи ниту една опозициска партија не реши да учествува.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button