Во Собранието ратификација на договорите за признавање на високообразовните квалификации во Западен Балкан

Собранието денеска ќе ја започне 111-та седница на која на предложениот дневен ред се 33 одлуки, закони и автентични толкувања.
На дневен ред на седницата, меѓудругите, се Предлог на закон за ратификација на Договорот за соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Албанија за враќање на незаконски изнесени икони во земјата на потекло, Предлог на закон за ратификација на Меѓународната спогодба за размена на податоци за проверка на изјави за имотна состојба, Предлог на закон за ратификација на Договорoт за слобода на движење со лични карти во Западен Балкан, Предлог на закон за ратификација на Договорот за признавање на високообразовните квалификации во Западен Балкан, Предлог на закон за ратификација на Договорот за признавање на професионалните квалификации на докторите по медицина, докторите по дентална медицина и архитектите во контекст на Централно-европскиот Договор за слободна трговија.
Пратениците во рамки на оваа седница треба да гласаат за Дополнет предлог на закон за дополнување на Законот за возила, второ читање, Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за основање на Агенција за енергетика на Република Македонија, второ читање, Дополнет предлог на закон за зоотехника, второ читање, како и Дополнет предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за Управата за јавни приходи, второ читање.