ВМРО ДПМНЕ: Пратеници со безбедносен сертификат да го видат договорот

ВМРО-ДПМНЕ бара Договорот меѓу државата и Бехтел-Енка за изградба на Коридорот 8 и 10Д да биде достапен за пратениците со безбедносен сертификат. На овој начин бараат да се расчистат сомнежите што ги имаат, дека договорот содржи штетни делови.
Премиерот Димитар Ковачевски уште еднаш повтори дека договорот е таен, но дека е доставен до Обвинителството бидејќи тоа го побарало.
Објавување на договорот бара и Движење Беса. Според нив, пратениците треба да имаат пристап до постигнатиот договор.
„Ценам дека Коридорот 8 е проект од капитално значење, не само за Албанците, не само за Северна Македонија, туку и за Балканот, затоа го поддржавме и ќе го поддржиме проектот на овој сегмент од Коридорот 8, но како што се реализира зад грбот на јавноста, во целосна тајност и од законодавецот и од пратениците, ценам дека има навистина сериозни проблеми кои мора да се анализираат и испитаат“, рече Билал Касами, претседател на Движењето Беса.
Медиумите досега објавија само неколку делови од договорот, но никој немаше пристап до целосниот договор потпишан со Бехтел-Енка за Коридорот 8 и 10Д.
Фатлуме Дервиши