Николоски вели дека 70 отсто од работниците кои ќе ги градат коридорите 8 и 10-д ќе бидат странци

Од вкупниот број работници кои ќе учествуваат во изградбата на автопатите од коридорите 8 и 10-д, само 30 отсто ќе бидат домашни, а останатите 70 проценти ќе бидат работници од странство. Ова во интервју за Фокус го изјавил потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, согласно увидот кој го имал во договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на автопатските делници од коридорите 8 и 10-д.
Бројот на работници и планот за работа на изградбата на автопатите, вели Николоски, е предвиден во планот 11 од договорот, а таму, според неговите зборови, е дефинирано колку работници ќе работат на автопатот и колку од нив ќе бидат од странство, а колку од државава.
„Ова значи дека 70 отсто од парите што македонските граѓани ќе ги дадат за изградбата на автопатот ќе одат надвор од државата. Наместо да се вработуваат домашни луѓе, Македонија ќе вработува странци. А, премиерот лаже дека најмалку 51 процент ќе бидат домашни работници. Пред мене ги имам точните податоци по година и по класификација на работници, каде што јасно може да се види дека 70 отсто ќе бидат странци“, изјавил Николоски за Фокус.