ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Атанасовски: Наредните недели ќе се зголеми притисокот врз опозицијата

Атанасовски: Наредните недели ќе се зголеми притисокот врз опозицијата

Притисокот врз опозицијата од страна на меѓународната заедница и амбасадорите во земјава за прифаќање на уставните измени во наредниот период ќе расте, оценува политичкиот аналитичар Благојче Атанасовски. Според него роковите се немилосрдни и течат, а власта ќе мора да го започне процесот во Собранието кон крајот на мај или почетокот на јуни, бидејќи процедурата трае неколку месеци. Тој додава дека ако се пропуштат овие рокови за отворање на Уставот земјава нема да го продолжи евроинтегративниот пат по завршувањето на скрининг фазата.

Advertisements

„Како што ќе одминуваат неделите нанапред, како што ќе доаѓаат последните рокови со кои ќе мора дефинитивно да се отвори Уставот, ќе гледаме се посуптилен и подиректен притисок врз лидерот на опозицијата, бидејќи се наоѓаме и во сложен геополитички момент“, рече Благојче Атанасовски – политички аналитичар.

Коментирајќи ја експертската група на Министерството за правда, Атанасовски вели дека не смее да се политизира нејзината работа. Тој кажа дека би било погубно да се злоупотреби експертизата на членовите во работната група, а нивната работа да пропадне во вода, со оглед на фактот дека засега нема поддршка за уставните измени.

„Владејачката партија нема обезбедено чисти 80 пратеници и се оди во насока на формирање работни групи, со тоа што владејачките партии и владејачкото мнозинство сака да изврши дополнителен притисок врз опозицијата, претставувајќи ја пред меѓународната заедница, пред очите на Европската Унија како главен кочничар за продолжување на патот на Македонија кон евроинтеграциите“, изјави Благојче Атанасовски – политички аналитичар.

Атанасовски вели дека ако Косово и Србија ги нормализираат односите, а Албанија продолжи сама во евроинтергративниот процес, без да е во пакет со Македонија, тогаш штета ќе трпат граѓаните, кредибилитетот на Европската Унија кон Македонија, но тоа ќе биде на штета и на американската дипломатија, бидејќи ќе се отвори можност за зголемување на руското влијание.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button