За автопатот кон Охрид уште се водат судски спорови за имотите

Додека власта најавува дека автопатот Охрид-Кичево ќе биде готов до крајот на оваа година, на терен ситуацијата остава сосема поинаков впечаток. Не само што тој сè уште многу бавно се гради, туку и понатаму не е сосема решена ниту експропријацијата на земјиштето. Се водат и судски спорови. Граѓани ја оспоруваат висината на цената по која државата настојува да им ги национализира имотите. На други пак, сè уште не им се исплатени договорените суми.
„Бидејќи има проектирања, препроектирања на нови надвозници, измена на дел од траса, има дополнителни постапки. Луѓето не се задоволни бидејќи кога почна процесот на експропријација, на пример низ Дебрца, цената која ја нудеше Министерството за финансии за метар квадрат, беше околу 70 денари…“, вели Игор Кичеец-адвокат.
Сега, наместо 70 денари за квадрат, донесени се судски решенија за експропријација по дури 270 денари.
Паралелно со нерешените имотно-правни односи, се уште неизградените делови на автопатот Охрид-Кичево дополнително се оптоварени и со археолошки локалитети. Еден од нив е селото Требеништа каде беа пронајдени златна маска и ракавица од петтиот и шестиот век пред нашата ера.
„Охрид, Требеништа е археолошко наоѓалиште од светски карактер. И сега таму треба да има некој надвозник за автопатот. Нека има, но нека побараат решение кое е конструктивно, кој го видел. Ќе ги пуштат булдожерите, ќе ги уништат културните слоеви и ќе заврши приказната“, рече Димитар Зарчев-архитект.
Инаку, министерот Бочварски неодамна изјави дека бил решен проблемот со експропријација на земјиштето и оти градењето во тие сегменти може да продолжи. Инаку, овој автопат почна да се гради во 2014 година и требаше да биде готов во 2018-ттата.
Мики Трајковски