Штрајк на вработените во Државниот испитен центар, стопирани се сите процеси и полагања

Вработените во Државниот испитен центар го продолжија генералниот штрајк кој го почнаа вчера и најавија дека тој ќе трае се додека не им се исполни барањето, а тоа е покачување на платите, односно добивање согласност на Барањето за изменување и дополнување на колективниот договор кое го испратиле до Министерството за финансии.
„Нашите плати беа заборавени со покачувањето на минималната плата на два пати веќе. Се покачија само платите на оние што беа со најниска позиција, односно минималците и веќе дојдовме во ситуација кога имаме изедначување на платите на повеќе од 11 лица од 29 вработени во ДИЦ. Платите се речиси изедначени од службата за обезбедување и на некој што е нешто под советник. Основната советничка плата е 26 000 денари“, рече Емилија Бошковска, претседател на Синдикалната организација на Државниот испитен центар на денешната прес конференција.