Да не се доведува во прашање полагањето на државната матура, им порача Шаќири на вработените во Државниот испитен центар

Полагањето на државната матура не треба да се доведува во прашање. Вработените во Државниот испитен центар заедно со директорката треба да комуницираат со другите институции и да чекаат да се реши општиот колективен договор. Така да ги надминат проблемите, рече министерот за образование и наука Јетон Шаќири откако синдикатот на вработените во Државниот испитен центар (ДИЦ) најави штрајк поради тоа што од Министерството за финансии не добиле согласност на барањето за изменување и дополнување на колективниот договор.
Шаќири нагласи дека сите имаат и правна одговорност и упати апел, како што рече, оваа институција да не ја користи ситуацијата кога средношколците треба да полагаат државна матура.
„Сите синдикати се вклучени во општиот колективен договор. Значи и тие вработени кои се дел од синдикатот УПОЗ јас ќе ги повикам зашто сите имаме законски обврски и кога се работи за државна матура не може да го искористат моментот на државната матура за да ја постигнат целта. Целта на Владата е општ колективен договор и подобри услови. Мојата порака до сите вработени заедно со директорката е да комуницираат со другите институции и нека чекаат да се реши општиот колективен договор. Така да ги надминат проблемите и да не се доведува во прашање државната матура“, рече Шаќири.