Груби: Оние што критикуваат денес, утре ќе кажат „пу-пу не важи“

Првиот вицепремиер Артан Груби обвини за хајка против изградбата на коридорите поради дневно-партиски цели. Тој кажа дека ВМРО-ДПМНЕ дала поддршка за проектот, обезбедувајќи кворум во Собранието и немало пратеник што гласал „против“. Груби истакна дека од претседателот на опозициската партија, Христијан Мицкоски добил зелено светло за договорот со „Бехтел-Енка“, со зборовите: „терајте, потпишете го“.
„Надвор од тоа што го слушате по медиумите ние пак ќе седнеме после изборите и ќе си се договориме и тие што денес плукаат, ќе кажат „пу, пу, не важи“. Затоа, судете си сами. Стиропор или автопат, сами одлучете која е разликата“, рече Груби.
Груби денеска детали споделуваше пред бизнисмените од Стопанската комора. Тие прашаа зошто не биле претходно консултирани, на што вицепремиерот одговори дека власта само го реализира она што токму бизнисот го побарал.
„Никој од овде присутните немаше да има ниту една забелешка денес, ниту пак јавноста, ниту пак медиумите, ниту пак било кој политички субјект. Вака се добива впечаток дека трчаме по зајаците, а срната е веќе отидена“, рече Ангелка Пеева – член на УО на Стопанска комора.
„Сите беа поканети да бидат дел од процесот веќе две години. Но, ако некој не слушнал, ако некој не видел, не сакал или самиот не чул, тогаш зошто сме криви ние?“, вели Груби.
Критики кон присутните претставници на власта упатија антикорупционерите, според кои не треба измените во осум законски решенија да се носат по скратена постапка. Во однос на измените пак, министерот за транспорт Благој Бочварски кажа дека тие ќе важат само за проекти од стратешки интерес.
„Такви градби, со овие законски измени, се предвидени сите државни патишта и денешните кои ќе се градат и идните државни патишта и магистралните гасоводи, бидејќи еве енергетската криза покажа дека треба да бидеме брзи и ефикасни“, рече Бочварски.
Инаку, Груби истакна дека проектот ќе биде транспарентен и, како што вели, ако само еден денар биде проневерен политичарите треба да скапат во доживотен затвор. Тој воедно ги отфрли обвинувањата на опозицијата за плаќање на пенали.
Лука Андреев