
Родилката од Битола, Викторија Крстеска, чие бебе почина на гинеколошкото одделение во Битолската клиничка болница, на Фејсбук реагира дека и по две недели, се уште ја нема добиено отпусната листа, иако тоа требало да биде направено веднаш откако го напуштила објектот. Тоа, вели таа, отвора дополнителен сомнеж дека нешто се крие во врска со нејзиниот случај.
Крстеска раскажува дека вчера отишла да го побара отпусното писмо, но не добила одговор зошто се уште го нема.
„Ете јас после 12 дена се уште немам отпусно писмо. Се уште мојата историја ја нема. Као технички си испишана, а документ од мене нема??? Никаде? И нема мучканици? Или народски речено, ‘Чекај да се погодиме на смена заедно, напрајвме шо напрајвме, дај шо да напишиме да се извајме, да налепиме друг или да напрајме се да е подмачкано?’“, пишува Крстеска на својот фејсбук профил.
Таа посочува дека се сомнева и во обдукцискиот наод кој според неа може да биде наместен, а додава и дека не очекува брзо да го добие, иако било наложено тој да биде изработен во најбрз можен рок.
„’О’ од обдукција во следните две недели нема да има, зошто? Па, сигурно се на одмор ‘) .. иако е наредено да се направи да е во најбрз можен рок. Или пак ќе ме вртите исто како што ми нудевте брда и долини за побрзо да ме истерате од болницата. Јасно е дека има позадина, барем бидете храбри и признајте. Дури сум жива ќе ве гонам сите кои згрешивте за смртта на моето бебе. Ќе се борам до крај!“, вели Крстеска.