Три забелешки од УНЕСКО за Охрид, најголем проблем дивоградбите

Три конкретни забелешки им доставија денеска претставниците на УНЕСКО и Бернската Конвенција на локалните власти од Охридскиот регион. Тие деновиве ќе направат детален скрининг на ситуацијата на терен во целиот охридско- струшки регион за да видат кои од забелешките и препораките кои ги доставија лани се исполнети, а кои не. Прво е прашањето на дивоградбите.
„Ова што се случува овде навистина не треба да се случува на подрачје кое има голема глобална вредност. Слушнавме ветување дека и оваа власт ќе се погрижи да се стопира тој процес и да се направи тоа што е потребно, некои објекти кои се нелегално поставени, да се отпочне со решавање на тој проблем“, рече Андреј Совинц- експерт за заштитени подрачја.
Второ e прашањето за управување со езерото, а трето е алармантната состојба со Студенчишкото блато кое е заштитено подрачје. Експертите бараат добро да се испланира и каде ќе биде лоцирана новата марина, но никако тоа да не биде каналот во близина на Студенчишкото блато. Градоначалникот на Охрид вели дека не може за кратко време да има подобрување на работите.
„Насоката е таа. И тие се свесни дека нешто што 30 години и повеќе не било, некои добри принципи се нарушиле пред сè во урбанизацијата, не можат преку ноќ да се поправат…“, изјави Кирил Пецаков-градоначалник на Охрид.
Експертите сметаат дека ситуацијата е уште полоша на струшкиот дел од езерото и покрај тврдењата на градоначалникот Рамиз Мерко, кој тврди дека во заштитениот појас таму нема дивоградби. Тие утре ќе имаат средба со него.
„Знаеме дека ситуацијата е уште потешка таму… Мора да дојде до компромис бидејќи вака како што е сега, сигурно не ќе може понатаму на таков начин. Мислам дека проблемот со нелегалните градби таму е најголем…“, рече Совинц.
Следниот состанок ќе биде на крајот на декември. Дотогаш по она што на терен ќе го видат, претставниците на меѓународните организации, ќе изготват извештај, врз основа на кој властите ќе добијат дополнителни мерки и препораки за спроведување во наредниот период.
Мики Трајковски