ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Судски совет – пуч и гласачка гилотина за претседателката Дамева

Наместо да го разрешат судијата Енвер Беџети, членовите на Судскиот совет, повеќето предложени од редовите на партиите, со своевиден пуч ја разрешија претседателката на Советот, Весна Дамева. Во ситуација оркестрирана од потпретседателот на Советот, Селим Адеми, инаку поранешен функционер на ДУИ, самиот тој иницираше разрешување на Дамева, за евентуално да не дојде до разрешување на Беџети, што пак, беше седма точка на дневниот ред.

Advertisements

Селим Адеми на оваа функција е 10 години. Тој гласаше за назначување на Данева за претседателка на Советот во декември, но денеска упати низа обвинувања против неа. Откако самата одби да поднесе оставка, Адеми со помош на колегите Милазим Мустафа, Мирсад Сурои, Ханиф Зендели, Лорета Георгиева, Павлина Црвенковска и Сашо Георгиевски, повика да се гласа за нејзино разрешување.

Но, Данева се спротивстави. Според неа, не постои законска одредба која овозможува на ваков начин да биде разрешена и нагласи дека сето ова што денеска се случува се прави по налог на некој од политиката.

Данева рече дека нејзино разрешување побарале политички личности.

Инаку, пред околу еден месец пропадна унапредувањето на судијата Енвер Беџети. Неофицијално дознаваме дека од тој ден се лобирало од одредени членови за разрешување на претседателката Данева, бидејќи под нејзино раководство било одлучено да се преземат мерки и против Беџети. Доколку се одлучувало и се расправало за тоа во Судскиот совет, тоа би го спречило неговото унапредување во иднина.

Потпретседателот Селим Адеми пак, негираше дека трети лица влијаеле во неговата одлука да предложи разрешување на Данева. Според неговите кажувања, нејзиното разрешување било толку неопходно што дури и се обврзува кривично да одговара доколку имало некаква повреда на постапката.

Ардит Рамадани

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button