
Како ќе се движи енергетската криза годинава зависи и од хидрологијата односно и од производството на струја од акумулациите и водостоите во браните кај нас и во Европа. Поранешниот вицепремиер за економија и претседател на Македонската енергетска асоцијација истакна дека доколку се повтори лошата хидрологија од лани може да се влоши состојбата која полека се подобрува. Во тој случај хидроелектраните нема да произведуваат доволно струја.
„Има еден поголем фактор од кој зависи хидрологијата, а тоа е, минатата година пикот на цените беше достигнат во август. А зошто беше тоа така, бидејќи во агуст немаше добар водостој на реките кои што ги ладат нуклеарните електрани и нуклеарните реактори беа запрени затоа што немаше доволно вода за нивно ладење. Тоа може уште по драстично да ни се случи оваа година бидејќи годинава е уште по лоша хидролошки од лани“, вели Кочо Анѓушев, претседател на Македонската енергетска асоцијација.
И ланската година во земјава состојбата со хидроцентралите беше на очајно ниво. Но од ЕСМ за Алсат велат дека првиот квартал од оваа година просечниот доток на вода и моменталното ниво на хидроакумулациите изнесува 64% од планираното. Но нивните информации се дека веќе следниот месец е вообичаено хидролошки најдобар и се очекува зголемување на нивото на акумулациите.
„За заштеда на енергијата од акумулациите, АД ЕСМ набавува електрична енергија од слободен пазар по многу пониска цена од производната цена на ТЕЦ Неготино, која немаше економска исплатливост да произведува и запре со производство бидејќи се создадоа услови за исклучување на капацитетот и вршење плански сервисни и ремонтни активности со цел капацитетот да се подготви за грејната сезона која ни претстои“, велат од ЕСМ.
Алсат побара став и од Регулаторната комисија за енергетика од каде ни соопштија дека имаат претставник во Комисијата за следење на состојбите во снабдувањето со електрична енергија, која само ја разгледува состојбата на акумулациите и дава препораки.
„Регулаторната комисија за енергетика редовно на координативните средби со компаниите од електроенергетскиот сектор укажува на потребата од одржување на соодветно ниво на акумулациите од аспект на важноста на хидроелектроцентралите во поглед на управување со електроенергетскиот систем, односно одржување на фреквенцијата во пропишани граници“, рекоа од РКЕ.
Во текот на ланската година цените на електричната енергија токму во летните месеци достигнаа рекорди на берзите. Еден мегават час се продаваше и до 800 евра за мегават час.
Иле Петревски