ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Поранешен војник на ОНА едвај финансиски го преживува месецот

Знамето што го чува пред куќата вели дека му дава слава. Но, тоа е единственото нешто што му останало на ветеранот на ОНА, Нусрет Бектеши, кој во битката кај Арачиново во 2001 година, едвај преживеал и сега живее со 80% инвалидитет. 45-годишниот Нусрет вели дека се жртвувал за подобар живот на сите, но сега се чувствува запоставен. Со платата што ја зема едвај го покрива месецот, па дури вели дека никој од неговите колеги од ДУИ, не му отвора врата да ги вработи неговите ќерки кои имаат завршено факултет, за колку- толку, да му помогнат.

Advertisements

„Направивме многу за нашата земја, отидовме да го жртвуваме животот. Оставив делови од телото, пролеав крв и пак би го направил затоа што чувствувам обврска кон мојата нација. Само што функционерите и нашата партија што досега ја поддржувавме нема никаков интерес за нас. Се јавувам до сите министерства и управи што ги водат нашите, но не преземаа ништо конкретно“, вели Нусрет.

Ова 5 члено семејство во скопско Визбегово, како и секое друго кое има минимални примања во земјава, не може да го сокрие револтот по злоупотребата на нивниот труд од страна на државните функционери, овојпат со фрапантното зголемување на платите на избраните и именуваните лица.

„Не е фер затоа што знаат да си ги зголемат месечните плати кои веќе им беа 1.500 евра и не им се доволни. Покрај функционерите, уште 1.000 евра добиваат и нивните сопруги, како и нивните деца кои добиваат најмалку 4-5 илјади евра месечно и не им стигаат. Како да преживеам со 400 евра? Не е фер. Ова е дискриминација, голем срам кон војник и инвалид или кон семејство на паднат борец. Не отидовме во војна за да се збогатиме, туку за идеали. Не излегов да барам милостина или да се наметнувам, туку сакам да им порачам да ги земат предвид и другите кои се блиски со Али Ахмети“, додава Нусрет.

Нусрет вели дека не добива никакви приходи за инвалидитетот, ниту пак неговата сопруга добива социјална помош од државата за негова грижа. Како него и сите ветерани со децении бараат решение за својот статус со посебен закон, како што беше случајот со „бранителите“. Но, албанската партија на власт се откажа од иницијативата за ваков закон, со образложение дека поранешните припадници на ОНА биле вработени и станале дел од институциите, па така нивното прашање било решено.

Аднан Ќаили

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button