Пратениците сè уште не успеваат да закажат седница за договорот со „Бехтел и Енка“

Пратениците сè уште не успеваат да договорат затворена седница на која би го погледнале договорот на државата со „Бехтел и Енка“ за изградба на коридорите 8 и 10-д. СДСМ очекува ВМРО-ДПМНЕ да ја избере комисијата каде договорот би го виделе само пратениците кои имаат безбедносен сертификат. Но, од ВМРО бараат сите пратеници да имаат увид во него, а згора на тоа и да се организира јавна расправа за него.
ВМРО-ДПМНЕ, која го обезбеди договорот од свои информатори, односно свиркачи, продолжува да објавува и други детали кои ги смета за контроверзни. Повторија дека Владата прифатила дека во случај на спор, арбитражата да се води според законите на Англија и Велс.
„Повеќе од јасно е зошто власта го крие овој штетен договор од граѓаните, каде веќе се исплатени околу 120 милиони евра по основ на пенали без да се остави камен, каде е предвидена 60-часовна работна недела, каде што се прекршени законите за урбанистичко планирање, каде ќе се гради без дозвола, градење во археолошки простори итн. Некој ќе одговара за овој штетен договор, одговорност мора да има!“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Еден од најконтроверзните закони е оној за работни односи. Иако претседателот Пендаровски вчера најави дека нема да ги потпише законските измени со кои се продолжува работното време од 40 на 60 часа за градежните работници за стратешки проекти, од СДСМ велат дека се работи за манипулација.
Осумте закони предложени пред повеќе од три недели од пратениците од мнозинството, главно од ДУИ, заглавија во собраниските процедури поради блокадата од ВМРО-ДПМНЕ.
Фатлуме Дервиши