
Министерот за внатрешни работи на Србија, Братислав Гашиќ, вечерашното пукање кај Младеновац го оцени како терористички акт, пренесуваат српските медиуми.
Дел од медиумите јавија и дека тој е на терен со полицијата и ја следи ситуацијата и интензитетот на потрагата по осомничениот напаѓач.
Осомничен е 21-годишниот Урош Б. кој е во бегство. Во недостиг на официјални информации, српските медиумите наведуваат дека тој продолжил со пукањето и додека бегал од полицијата. Неофицијално пукал на најмалку три локации од кои едната и кај Мало Орашје, во близина на Смедерево.
Повеќе медиуми објавија и дека тој се наоѓа во селото Шепшин кое е под опсада на полицијата. Тој преговара со полицајците, но не сака да се предаде. Стравувањата, како што јави Н1 ТВ, се дека може да држи и заложници.