МАКЕДОНИЈА

Сашко Георгиев нов претседател на Судскиот совет

Судскиот совет со 8 гласа „за“ и 4 „против“ доцна попладнево го избра Сашко Георгиев за нов претседател на оваа институција. Тој рече дека има намера прво да ја врати довербата на членовите на Судскиот совет меѓу себе, а потоа и довербата на граѓаните во судството во земјава, која во моментов е многу ниска.

Advertisements

И покрај големиот јавен интерес, АЛСАТ дознава дека далеку од очите на медиумите оваа институција претходно одржала седница на која била повлечена незаконската одлука од 26 април на која Весна Дамева беше наводно разрешена од функцијата прв човек на советот и на истата седница ѝ била изгласана недоверба.

Освен тоа, иницијаторот на првичната скандалозна одлука Селим Адеми поднел оставка и истата се очекува да биде констатирана во наредните денови. Во оваа насока, Георгиев додаде дека јавноста досега видела многу непримерни и според него, скандалозни сцени во Судскиот совет. Поради тоа, било неопходно проблемите да се решат зад затворени врати.

Но, на новинарско прашање, врз основа на која законска одредба решиле да ги исклучат медиумите и јавноста од носењето на вакви важни одлуки во време кога сите погледи на јавноста беа свртени кон нив, Георгиев не одговори.

Во меѓувреме, иако е член на Судскиот совет, министерот за правда Кренар Лога не учествуваше ниту на изборот на новиот претседател, ниту на затворената седница на која била донесена одлука за разрешување на Дамева по втор пат.

На оваа седница отсуствуваше и самата таа. Инаку, Сашко Георгиев е трет претседател на Судскиот совет за неполни пет месеци. Последните двајца заминаа со тешки обвинувања. Павлина Црвенковска поднесе оставка, велејќи дека има притисоци од судската и бизнис-елитата, додека Весна Дамева на заминување рече дека во Судскиот совет има политички влијанија.

Ардит Рамадани

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button