Мисајловски: ВМРО ДПМНЕ ќе стори се да го спречи донесувањето на законите

Опозицијата обвинува за самовилие, власта вели дека се што прави е во интерес на државата. Политичарите повторно се скараа за законите за Бехтел и Енка, овој пат дали законите да се носат со или без со европско знаменце. Од ВМРО ДПМНЕ велат дека не е фер да се нема дебата за вакви спаки инфраструктурни проекти кои треба да ги платат граѓаните. Дополнително од партијата обвинуваат за злоупотреба на европското знаменце.
„На сила ако пројдат овие закони тогаш ќе ја видиме најголемата пљачка во историјата на Република Македонија. Затоа сме тука да разговараме со граѓаните. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе дадат се од себе да ги спречат овие закони, но и сакаме да има расправа, јавна дебата и да се покаже договорот, но некој ептен го крие овој договор и ептен ја крие позадината“, вели Мисајловски.
Од СДСМ велат дека ВМРО-ДПМНЕ сака по секоја цена да го блокира стратешкиот и воедно најголем проект во инфраструктурата.
„Ќе ги искористиме сите механизми што се на располагање и преку соодветна законска постапка ќе ги донесеме измените на петте закони кои гарантираат поевтина и побрза изградба на делниците од коридорите“, рече Даниела Николова, СДСМ
Од ДУИ пак, излегоа со писмено соопштение во кое се вели дека ВМРО ДПМНЕ и Левица блокираат активно во Собранието над 500 милиони евра проекти за граѓаните и државата, без никаква причина и само за да предизвикаат неуспех на проектите.
„Законите овозможуваат олеснување и поедноставување на инститиционалните процедури за сите национални и стратешки проекти на земјата, не само на изградбата на коридорите 8 и 10-Д, туку и за железниците, проектите во енергетиката, гасоводот“, велат од ДУИ.
Од Левица пак, соопштија дека веќе има поднесено кривични пријави за службеници кои имаат претходно овозможено злоупотреба на европското знаменце и јавно изјавува дека по падот на овој анти-европски режим, ќе има кривичен прогон и за службениците кои и во овој случај ќе ги прекршат македонските закони и европските стандарди. Од канцеларијата на Европската унија соопштија дека употребата на брзи процедури треба да се ограничи и да се применува само кога е оправдано да се унапреди реформската агенда на ЕУ.
Од таму соопштија дека означувањето на законите поврзани со коридорите 8 и 10д со европско знаменце не е во согласност со стандардите на Унијата. И најавија дека ќе побараат дополнителни појаснувања од власта по кој основ се донесени пет нови закони за коридорите кои ќе бидат доставени до Собранието со европско знаменце.
Иле Петревски