
Во годишниот извештај на Регулаторната комисија за енергетика 2022 е опишана како најтешка од осамостојувањето на Македонија. Глобалната енергетска криза си го зема данокот и во земјава и лани е забележан пад на потрошувачката од 10,6 отсто поради намалената економска активност високите цени на електрична енергија, како и преземањето на мерки за рационално користење на електричната енергија. Податоците од извештајот покажуваат дека потрошувачката на електрична енергија на крајните потрошувачи во 2022 година изнесувала 6.133 GWh, што е за 732 GWh помалку споредено со 2021 година, односно намалувањето изнесува 10,66%. Дополнително лани 79,37% од бруто потрошувачката на електрична енергија е обезбедена од домашно производство на електрична енергија, додека 20,63% се обезбедени од увоз.
„Во производството на електрична енергија во 2022 година најголемо учество имаат термоелектроцентралите со 53,85%, потоа хидроелектроцентралите со 24,80%, комбинираните постројки за производство на електрична и топлинска енергија со учество од 17,17%, по што следуваат и сите преостанати со учество од 4,18%“, велат од РКЕ.
Ланска година ќе биде запаметена и по воведувањето на блок тарифите, по принципот кој повеќе троши повеќе да плаќа. Регулаторот соопшти дека оваа реформа дава резултати, и граѓаните значително почнаа со штедење на струјата во домаќинствата. Освен домаќинствата владата ги задолжи и сите јавни инстуитуции и претпријатија рационално да ја трошат електричната енергија.
„Продажбата на електрична енергија кај малите потрошувачи во 2022 бележи раст од високи 81,4% споредено со претходната 2021 година. Намалената потрошувачка кај домаќинствата, покрај на релативно високите просечни температури во последниот квартал од 2022 година, се должи и на воведениот систем на блок тарифи со кој домаќинствата беа поттикнати да штедат електрична енергија“, додаваат од РКЕ.
Веќе е сигурно дека со следната пресметка на новата цена на струјата која треба да се случи на крајот на јуни, ќе биде вратена и евтината дневна тарифа која според информациите повторно ќе биде два часа преку ден а останува и поевтината тарифа во текот на ноќта.
Иле Петревски