Без ограда, шеталиштето покрај Пена е небезбедно

Како и повеќето проекти во градот Тетово кои остануваат незавршени, истата судбина ја има и шеталиштето покрај реката Пена. Немањето заштитни огради го прави ризично шетањето со деца затоа што е небезедно.
Жителите се жалат. Велат дека е опасно кога минуваат во овој дел.
„Секако дека ова треба да се обезбеди бидејќи тука си играат децата, тука е патеката и паркот, така што мора да се среди ова. Ова мора да биде целосно оградено бидејќи тука поминуваат деца па и ние возрасните. И јас се плашам да поминам“…
“Мора да има заштитна ограда, порано ѕидот беше повисок, сега го нема. Децата излегуваат, но родителите мора да бидат повнимателни малку“…
“Секако дека треба, со тоа ќе биде побезбедно и поудобно за шетање. Вака е веќе подолго време и се чини дека ќе остане вака уште долго. Сите ние треба да се ангажираме и општината и фирмите за да го направиме подобро за сите“, реагираат граѓаните.
Општина Тетово вината за ја префрли на минатиот состав во општината, кој го подготви проектот. Ветуваат дека наскоро ќе бидат поставени огради.
„Проектот гонаправи претходното раководство и го оставија шеталиштето без огради, но со програмата за уредување на градежното земјиште од страна на општина Тетово за 2023 година е утврден буџет од два милиони денари за поставување на огради долж шеталиштето до камениот мост. Уште поважно е дека чекаме да го добиеме и проектот од Бирото за регионален развој каде аплициравме со проект вреден 17 милиони денари кој ќе ни овозможи да ја оградиме реката по целата линија“, рече Алби Ќамили, Портпарол на општина Тетово.
Шеталиштето на реката Пена се ветува со децении, но неговата реализација, која започна пред околу три години, е оставена напола.
Башким Сулејмани