Сопственик на едно од опожарените возила на Бит-пазар е поранешен судија и актуелен универзитетски професор

Сопственик на едно од трите возила, опожарени кај Бит Пазар, марка „голф 8“ е поранешен судија од гостиварскиот Основен суд и актуелен професор на Меѓународниот универзитет во Струга, Сејфула Османи, пренесува “360 Степени“.
„Чекаме на истражните органи да дадат повеќе информации за причините за пожарот на автомобилот“, изјавил Османи за „360 степени“.
Тој вели дека не се сомнева во никого дека пожарот бил намерно предизвикан оти, како што ни рече, не бил скаран со никого.
Инаку, како што се претпоставува, но и како што може да се види од терен, огнот почнал од неговиот автомобил. Во близина, пак, е паркирано и другото возило кое е во негова сопственост, а кое воопшто не е оштетено. „Голфот“ на паркингот пред зградата во која живее Османи вчера околу 16:30 часот го оставил неговиот син и оттогаш не бил користен. Околу 3 часот ноќеска тој видел дека нешто гори од прозорецот на станот во кој живее, а кога се симнал на паркингот видел дека станува збор за неговиот „голф“.
Од она што може да се види на терен, едно од возилата е целосно уништено од огнот. Возилото паркирано десно од него, според трагите што сведочат за пожарот, е сериозно оштетено, особено левата страна, а огнот ја зафатил и десната страна на автомобилот марка „опел астра“. Засега нема официјални информации за настанот.