ДВ: Погрешно забодени ЕУ-знаменца нѐ оддалечуваат од ЕУ

Има два главни аспекти што ги покренува договорот со „Бехтел и Енка“ од аспект на евроинтеграцискиот процес, објаснува за Дојче Веле, Малинка Ристевска Јорданова, експерт за ЕУ, откако заради реализација на тој договор предлог-измени на пет закони добија европско знаменце, за да бидат донесени по скратена постапка.
„Едниот аспект е дека со Договорот се кршат правилата на acquis за јавни набавки, во чија основа се начелата на транспарентност, конкуренција, еднаков третман и недискриминација. Јавните набавки се едно од приоритетните подрачја и на Спогодбата за стабилизација и асоцијација (ССА) и на процесот на пристапување“, вели Ристевска.
Според неа, втор аспект е токму злоупотребата на скратената постапка во Собранието за донесување закони кои значат усогласување со acquis на ЕУ.
„Да се стави знаменце на ЕУ за да се оправдаат измени на закони со кои се овозможува спроведување на Договор спротивен на правилата на acquis, е ‘пукање во нога’. Веќе подолго време скратената постапка со знаменце на ЕУ се злоупотребува за парцијални измени на закони и за избегнување на јавна дебата во процесот на донесување на законите, што е веќе констатирано и повторено во извештаите на ЕК, и е, исто така, дел од Кластерот ‘Темели’. И додека устата на Владата е полна со паролите дека преговорите, па дури и скринингот, сами по себе ќе нѐ направат ЕУ и дека утре ќе станеме членка, само да го смениме Уставот, во практиката постапува целосно спротивно. Европската комисија нема да може да замижи или целосно да ги обои очилата розово кога ќе го пишува следниот извештај, а веќе го пишува“, вели Ристевска.
Извор: Дојче Веле