Лазарова-Трајковска: Мандатот на член и на претседател на Судскиот совет е комплексна работа која не трпи импровизации

„Влогот во целата оваа постапка околу разрешувањето (на сега веќе поранешната пртседателката на Судскиот совет Весна Дамева) е врзан со важноста на независноста на судството. Сакам да потсетам дека постојано треба да се повторува дека независноста на судството е потпорен елемент на владеењето на правото, а со тоа и на сите демократски унапредувања во земјата. Е токму во тој дел е и смислата на постоењето на Судските совети, тие да бидат на браникот на независноста“. Ова е дел од ставот на поранешната судијка на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, поранешна уставна судијка и актуелен судија во Врховниот суд Мирјана Лазарова-Трајковска што таа го споделува во интервју за „Республика“, а во врска со последните случувања во Судскиот совет, околу кои сè уште не стивнуваат реакциите во јавноста.
Весна Дамева на 26 април во контроверзна постапка, кој дел од стручната јавноста ја спореди со класичен „пуч“, беше разрешена од функцијата претседател на Судскиот совет, а на иницијатива на заменик-претседателот на ова тело, Селим Адеми, кој во нејзино присуство го стави на дневен ред предлогот за нејзино разрешување.
Граѓанските организации и дел од стручната јавност реагираа дека разрешување на претседателот на Судскиот совет не е предвидено ниту во Законот за Судски совет ниту во Деловникот со кое е регулирана работата на ова тело. По две одложени седници, на 4 мај Судскиот совет на седница која беше закажана надрвор од работното време за нов претседател на Судскиот совет го избра Сашко Георгиев.
Дали членовите на Судскиот совет и заменик-претседателот Селим Адеми можат да бидат повикани на одговорност поради начинот на кој ја разрешија Дамева, Лазарова Трајковска вели дека одговорноста може да биде повеќенасочна за постапувањето на начин и во постапка која не е пропишана со закон.
„Ние во изминатата седница ги видовме членовите предложени од политиката во меѓусебна расправа на процедурално неподготвена седница на Судскиот совет. Токму во контекст на загриженоста за независноста на Судскиот совет, во изминатата недела слушнавме многу јавни повици за одговорност, не само на потпретседателот туку и на членовите на Судскиот совет во врска со постапката за разрешување на претседателката на тој совет. Некои повикуваа на оставки, други на разрешување, а еминентни професори го повикаа и јавниот обвинител да ја истражи работата околу овие случувања, што ќе значи дека препознаваат и елементи на кривична одговорност, па во тој контекст беа спомнувани и конкретни кривични дела. И навистина, одговорноста може да биде повеќенасочна за постапувањето на начин и во постапка која не е пропишана со закон“, вели судијката.
Целото интервју на „Республика“