
Моменталните цени на роаминг услугите кон Грција и Бугарија засега не би можело да се ревидираат поради специфичните правила што владеат во ЕУ, вели во своето вечерашно гостување во емисијата „Економски Магазин“ на Алсат, директорот на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), Јетон Акику. Како што објаснува тој, не е едноставно да се склучат билатерални договори помеѓу земји од Унијата и држави коишто не се членки.
„Тие не можат да потпишат самостојно како држава таков договор, тоа треба да биде на ниво на ЕУ. Тоа е едниот проблем, а на ниво на ЕУ пак, проблемот доаѓа од некои правила на Светската трговска организација, коишто ѝ наложуваат на ЕУ ако потпише евентуално со Македонија таков договор, нема да може да одбие такво барање од која било држава во светот“, вели Акику.