Чамци и глисери-крнтии од ЕУ и САД го загадуваат Охридското езеро

Стотина пловни објекти, добар дел од нив стари со децении и летово ќе пловат низ Охридското езеро. Речиси сите работат на фосилни горива. Во Регистарот на Охридската капетанија се евидентирани повеќе од 700 и тоа само преку летото. Изминативе години беа увезени многу чамци и глисери од ЕУ и Америка.
„…За жал во Македонија се дозволува увоз на секакво ѓубре од ЕУ и Америка, без никој да размислува за тоа дека немаме решение за тие стари чамци, кога нема повеќе да се употребуваат. Тие чамци се од увоз од ‘70-те и ‘80-те години. Еден глисер од 7 метри изработен во ‘70-те и ‘80-те години, троши и до 70 литри гориво на час. И тие издувни гасови мора некаде да одат. Нема на друго место, отколку во езерото“, рече Христијан Ковачески, Сопственик на компанија за производство на чамци.
Во една ваква ситуација на наплив на сè повеќе пловила, друг проблем е и немањето место каде да бидат паркирани. Единственото место за тоа, каналот Студенчишта, станува претесен. Таму често се случуваат и еколошки инциденти, односно излевање на гориво и масло.
„Сите кои ни ветуваа од градоначалници, ќе направиме марина, ќе направиме ова, никој ништо не презеде за Охрид, нити за марина, ниту за нас овде, кои ни наплаќаат огромни суми на пари за паркинг во каналот. Се снаоѓаме како знаеме и умееме. После толку многу пловила, нормално е да има излевање не само на нафта, туку и многу други проблеми…“, вели Зоран Анѓеловски, бродар.
Во меѓувреме, во добар дел од развиените држави низ Европа се исфрлаат од употреба пловилата на фосилни горива.
„Во Холандија веќе е забранета регистрација на нови мотори за користење по каналите. Нивните канали се неупотребливи за туризам за капење или за користење на водата, но сепак ги заштитуваат. Кога може таков канал да биде заштитен, штета е нашето езеро да остане на овој статус“, рече Христијан Ковачевски- сопственик на компанија за производство на чамци.
Од охридската Капетанија засега само најавуваат дека ќе се подготват нови правилници со кои ќе се регулира увозот на пловила и мотори, кои ќе биле усогласени со нормативите на ЕУ.
Мики Трајковски