Гимназијалците од „Сами Фрашери“ ќе почекаат за ново училиште

Не се знае уште колку генерации ќе поминат низ импровизираниот објект на гимназијата „Сами Фрашери“ која веќе две децении работи во зградата на поранешниот земјоделски индустриски комплекс. Од општина Куманово информираат дека до крајот на годинава се очекува да бидат завршени подготвителните фази поврзани со инфраструктурата, односно парцелата каде што треба да се гради училишната зграда. Исто така, од општината соопштија дека веќе било сработено и идејното решение.
Во август минатата година Владата донесе одлука, врз основа на која гимназијата „Сами Фрашери“ во Куманово ќе добие нов училишен објект. Се планираше да се гради најмногу три години и да чини околу 2 милиони евра. Со одлука на Владата во буџетот на Министерството за образование за оваа година биле обезбедени 50 милиони денари, а за следната дополнителни 70 милиони. Директорот на гимназијата вели дека и покрај најавите за нов објект, гимназијата ќе продолжи да го прилагодува наставниот процес врз основа на моменталните услови.
„До тогаш ќе се снаоѓаме како и досега. Располагаме со 16 паралелки. Не можеме да одржуваме кабинетска настава бидејќи тоа ни се сите паралелки. Имаме и четири училници во подрумот на зградата. Следната потешкотија што ја имаме е што немаме двор, на булевар сме, на главна улица, на многу фреквентна улица, а друга потешкотија е што немаме спортска сала, а предметот треба да се одржува во училница или кога условите се добри можеме низ дворовите на некои училишта во близина“, рече Нагри Реџепи, директор на СОУ „Сами Фрашери“, Куманово.
Новиот објект на „Сами Фрашери“ ќе се гради на државно земјиште во рамките на поранешната касарна во Куманово. Во новата учебна година се очекува во оваа гимназија да се запишат скоро 240 ученици во 7 паралелки со настава на албански јазик.
Мелихате Рустеми