ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Мицкоски со обвинувања до Ковачевски и Али Ахмети

Во работната група за уставните измени се зборува за редефинирање на државата, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Според информациите што тој ги имал, намерата била во Уставот да се регулира дека Македонија е држава на два народа, односно да биде бинационална држава. Тој обвини дека Ковачевски и Ахмети наместо проевропски блок, формирале антимакедонски блок.

Advertisements

„Уште фали да се исцртаат границите и Македонија и формално да биде федерална држава. Да внимава Ковачевски што ветува, ние знаеме дека неговата концесија кон главниот играч во Владата, а тоа е Демократската унија за интеграција е голема“, рече Мицкоски.

Веднаш вратија социјалдемократите. Според нив Мицкоски, како што велат, измислувал глупости. Од владејачката партија додаваат дека ВМРО-ДПМНЕ со ваквите тврдења бега од одлуката дали да се приклучи на проевропскиот блок или ќе остане во, како што велат – антиевропскиот, заедно со Левица.

„Стар и веќе виден пристап на сеење лаги, како што беше за бугаризација, асимилација, мигранти, кантонизација и што ли уште не. Време е за глас за Европа во македонското Собрание, а не за нови бесмислени измислици кои немаат никаква врска со реалноста“, рече Жаклина Лазареска, пратеничка на СДСМ.

Од СДСМ додаваат дека работната група за уставните измени е единствено составена за да даде текст на нацрт-амандмани кои ќе овозможат отворање на преговарачките поглавја за зачленување во Европската Унија. Претходно дел од членовите на работната група истакнаа дека имаат мандат единствено да зборуваат за уставни измени кои произлегуваат од усвоената преговарачка рамка меѓу Скопје и Брисел, иако во јавноста дел од претставниците на власта, па и претседателот на државата, поддржаа замена на терминот „20%“ со „албански јазик“.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button