Одбележување на Свети Кирил и Методиј на Плаошник во Охрид

Премиерот Ковачевски порача дека никој повеќе не може да го оспорува македонскиот јазик и идентитет. Како што рече на прославата во Плаошник, македонскиот е рамноправен со сите други јазици што се зборуваат во Европската Унија.
„…На македонски јазик, на македонското тло, во оваа наша македонска држава се говорело и се пишувало отсекогаш. Се говори и се пишува денес. И ќе се говори и ќе се пишува за навек“, рече премиерот Ковачевки.
Премиерот го наведе потпишувањето на договорот со Европската агенција за заштита на границите ФРОНТЕКС меѓу Европската Комисија и Македонија.
„…Донесовме тешки, државнички храбри одлуки, со кои најнапред ги осигуравме територијалните граници преку членството во НАТО, а потоа ги зацврстивме и заштитивме нашиот јазик и нашиот идентитет преку почетокот на преговорите со Европската Унија минатата година…“, додаде Ковачевски.
Преку видео-обраќање, денешниот празник го честиташе и лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
„Во духот на мултиетничкото општество во кое заедно живееме, да се потсетиме на овој важен ден дека заеднички ја преземаме обврската да ја зачуваме, негуваме и унапредиме меѓународната артикулација на македонски јазик на ист начин како што тоа го правиме и за посебноста на македонскиот идентитет“, порача Ахмети.
Инаку во Охрид денеска се одржаа две одвоени прослави на 24-ти мај. Една на Владата, а друга на општината и на ВМРО ДПМНЕ.
Мики Трајковски