Владата во следниве денови ќе ја разгледува Предлог – иницијативата за уставни измени

Од денеска, според најавата на премиерот Димитар Ковачевски, Владата ќе ја разгледува Предлог – иницијативата за уставни измени изработена од страна на работната група. Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, пак, кажа дека текстот е проследен до Министерството за правда и во наредниот период дискусијата допрва треба да се развие.
Работната група на седница во петокот ја усвои Предлог – иницијативата за потребата од измени на Уставот со насоки за негово изменување и дополнување.
Претседателката на работната група Маргарита Цаца Николовска изјави дека се предлага промените да бидат во делот на Преамбулата со тоа што „после бошњачкиот народ се додаваат зборовите: бугарски народ, хрватски народ, црногорски народ, словенечки народ, еврејски народ, египќански народ“. Втората измена е во делот за дијаспората и во амандманот 34 кој е заменет со член 49 и амандманот 2.
-Во овој амандман на Уставот на Република Северна Македонија со кој се заменува членот 49 и амандманот 2, после бошњачкиот народ се додаваат зборовите бугарски народ, хрватски, црногорски народ, словенечки народ, еврејски народ, египќански народ, рече Николовска.
Има измена и во Комитетот за односи меѓу заедниците заради тоа што сега се јавуваат поголем број народи кои можат да продуцираат поголем број пратеници и да има пратеници во Комитетот на заедници.