
Синоќешните тензии на северот на Косово се смириле и ноќта поминала мирно, според информациите од српските медиуми. Од утрово, пак, силите на КФОР, со опрема за разбивање на демонстрации веќе имаат поставено нов кордон на неколку стотини метри од зградата на локалната самоуправа во Звечан.
Националната телевизија РТС утрово пренесува дека околу 20 полицајци со штитови се поставени многу подалеку од зградата на општината во споредба со вчера кога беа многу поблиску до неа, а затворени се и другите приоди до зградата на локалната самоуправа.
За денеска повторно се најавени протести против градоначалниците Албанци во општините со српско мнозинство во Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ.
Тензиите на северот на Косово добија на интензитет минатата недела откако градоначалниците кои беа избрани на изборите бојкотирани од Србите, влегоа во општинските згради за да ги преземат функциите, што доведе до судири на косовските безбедносни сили со српското население.
Во вчерашните протести пред седиштето на Општина Звечан беа повредени најмалку 53 лица, во кои припадниците на КФОР употребија солзавец за растерување на толпата граѓани, кои возвратија со камења, стаклени шишиња и други предмети.