Односот на ЕУ кон Македонија го зголемува евроскптицизмот

Западен Балкан очекува побрзо и поефикасно интегрирање во Европската Унија. Дел од шефовите на дипломатии од земјите од регионот, на форум во Словачка, побараа да бидат вклучени во носењето на одлуки пред самото членство, како и поголемо присуство на ЕУ меѓу граѓаните. Во спротивно, како што истакнаа министрите, европскептицизмот ќе продолжи да расте.
„Само што ги почнавме пристапните преговори кои се условени со ново барање – уставни измени и тоа само неколку години по уставните измени за промена на името. Народот на тоа гледа како повторно отворање на раната, која се уште не е зарасната. Кај граѓаните тоа создава фрустрација и апатија“, рече Бујар Османи – министер за надворешни работи.
„Евроскептицизмот порасна, особено со случајот со Северна Македонија која не забрза особено. Од друга страна, свесни сме за нашите грешки, но европската заедница во мојата земја спиеше со децении и не правеше ништо, додека Русија, Кина и други земји нудат пари, проекти и шират влијание“, вели Елмедин Конаковиќ – министер за надворешни работи на БиХ.
Од друга страна, австрискиот министер Александер Шаленберг истакна дека по воената агресија во Украина има нова енергија и моментум во процесот на проширување. Тој кажа дека Европската Унија имала криза на политичка волја и консензус за проширувањето, но сега повика Западен Балкан да не се остави на маргините, бидејќи, како што рече – „ќе го загубиме“.
„Го претворивме процесот на проширување во нешто легалистичко и бирократско, со став дека треба да се пази на секоја запирка, но тоа е погрешен пристап. Сепак Украина и ситуацијата со која се соочуваме таму може да го трасира патот за далеку побрзо членство на Западен Балкан“, рече Александер Шаленберг – министер за европски прашања на Австрија.
Неодамна и еврокомесарот Оливер Вархеји истакна дека годинава претстојат клучни одлуки во Брисел кои се однесуваат на процесот на проширувањето, а прашањето ќе биде приоритет во дневниот ред на Унијата.
Лука Андреев