Ковачевски ќе му го каже на ВМРО планот за промена на Уставот

Исправени сме пред одлуката дали сме за Европа или за изолација, истакна премиерот Димитар Ковачевски од Самитот на Европската политичка заедница во Молдавија. Тој кажа дека по вчерашните пораки на претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен и францускиот претседател Емануел Макрон за евроинтеграцијата на Македонија, веќе на сите во земјава треба да им е јасно дека нова преговарачка рамка ќе нема и единствено сме исправени пред одлуката за внес на народи во Уставот. Тој информира дека нацрт-измените сега се во Министерството за правда, а откако ќе се одобрат на владина седница ќе бидат испратени во Собранието.
„Пред тоа јас ќе имам состанок со претседателот на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ и нивниот тим, каде што ќе го споделиме планот и со тоа сметам дека кај нас има капацитет, каков што и до сега имало, да се донесат вакви одлуки коишто ќе овозможат подобра иднина за нашите граѓани“, рече Ковачевски.
Но, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски повтори дека уставните измени нема да поминат во Собранието и предложи со Ковачевски да зборуваат за периодот што ќе следува по, како што рече, неуспехот на овој процес. Според Мицкоски, откако уставните измени би пропаднале, логично би било премиерот да си поднесе оставка.
„ВМРО-ДПМНЕ, нашата пратеничка група, нема да ги поддржи и што правиме понатаму? Мислам дека треба и за тоа да се разговара, но претходно да почекаме да видиме кој би бил форматот, каде би било местото, времето, денот…. Практично немаме ништо освен изјави на Димитар Ковачевски во јавноста“, рече Мицкоски.
Мицкоски не открива каков е планот на партијата по евентуалниот неуспех на уставните измени, иако претходно од партијата велеа дека е можно повторно да се разговара со Брисел за нова преговарачка рамка. Сепак, голем број европски челници досега истакнаа дека не постои можност за промена на веќе прифатените критериуми во преговорите за членство во Европската Унија меѓу Скопје и Брисел. Последно, Фон дер Лајен по вчерашната средба со Ковачевски повика на политички консензус за усвојување на уставните измени.
Лука Андреев