
За една недела завршува тендерот на ЕВН ХОУМ за новата цена на струјата, а ЕСМ иако планираше на шести месецов, сè уште нема доставено готови пресметки до Владата. Откако ќе бидат доставени, на затворена владина седница треба да се одлучи по која цена државните електрани ќе ја продаваат својата струја во следните шест месеци. Во моментов цената за мегават час е 56 евра. Премиерот Ковачевски смирува дека новата цена нема да предизвика ценовен шок за граѓаните и доколку треба, во буџетот имало доволно пари за да се субвенционира.
„Владата нема да дозволи ценовен шок за граѓаните како што не дозволивме и досега, бидејќи знаете дека 80 проценти Владата ја субвенционираше цената на електричната енергија во текот на целата грејна сезона во минатата година и во оваа година. Така ќе биде и во иднина. Во Буџетот веќе се предвидени 250 милиони евра финансиски средства за антикризни мерки во кои се вклучени и финансиски средства за цената на електричната енергија“, рече Ковачевски.
Во меѓувреме, Регулаторна ги разгледува пресметките од останатите енерегетски компании кои ги доставија уште минатата недела. Националниот оператор на пазарот за струја МЕМО бара зголемување над 80 отсто, Електродистрибуција над 30, а преносниот оператор МЕПСО бара зголемување на цената на својата услуга за над 50 проценти. Но, што од барањата ќе биде прифатено, а што не, Регулаторната комисија за енергетика допрва ќе утврдува. Од први јули, освен нова цена на струјата, се очекува и враќање на намаленото ДДВ од 10 на 18 проценти, а најавено е и повторно враќање на дневната евтина струја.
Андреа Чобанова