Каратистите се вратија со медали, но сами си платиле за натпреварувањата

Отишле да ја претставуваат земјата и освоиле медали на медитеранскиот карате натпревар. Но, спортистите морале за учеството да платат сами. Всушност, родителите велат нивните деца ги самофинансирале со по 750 евра, бидејќи Македонската карате федерација не им дала ниту денар. Данка Стојкова освои златен медал, Бесарт Мемети и Андреј Басаров сребрени, додека Илир Бајрами и сениорскиот тим бронзени медали. Но и покрај ваквиот успех за се морале сами да си платат. Од федерацијата не коментираат, но зборуваше карате селекторот Берат Јакупи.
„Медитеранското првенство според одлуката на Федерацијата беше со самофинансирање бидејќи трошоците беа многу високи. Ако ги наброиме сите оние кои можеа да учествуваат, трошоците беа околу 100 илјади евра, но не сум сигурен. Федерацијата нема доволно пари, па тие одлучија да се самофинансираат“, вели Берат Јакупи, селектор на Карате федерацијата на Македонија.
Но, од Агенцијата за млади и спорт тврдат дека тие дале пари за овоуј натпревар. Директорот Мојсовски се сомнева дека некој ги злоупотребил јавните пари. Вети дека ќе го испита случајот и ќе преземе мерки, бидејќи оваа појава се повторувала со години.
Според програмата на Агенцијата за млади и спорт, меѓународните натпревари во кој било спорт се финансиски поддржани со јавни пари. Минатата година Агенцијата ѝ дала годишен буџет од над 200 илјади евра на Карате федерацијата на Македонија. Според некои од спортистите со кои збровавме, оваа појава е присутна и во другите спортови за јуниори, кадети и сениори, па бараат Агенцијата да се врати во рамките на министерствата за да се централизираат буџетските пари и развој на спортот.
Аднан Ќаили