Пирц Мусар: И Словенија на патот кон ЕУ мораше да го смени Уставот

Словенечката претседателка Наташа Пирц Мусар денеска во Скопје изрази надеж дека политичарите во Северна Македонија ќе покажат мудрост и ќе ги спроведат уставните измени, кои се услов за одржување на втората меѓувладина конференција со ЕУ и отворање на кластерите во преговорите. Таа на заедничката прес-конференција со нејзиниот домаќин, претседателот Стево Пендаровски истакна дека патот кон ЕУ не е лесен, дека Словенија веќе се соочила со тие процеси и оти на тој пат и оваа држава морала да го смени Уставот, за што тогаш имало жестоки политички дебати во словенечкото општество.
-Да потенцирам Словенија го помина тој процес и не ни беше лесно. Дозволете ми да потенцирам и дека Словенија мораше да го смени Уставот и тогаш во мојата татковина се слушаше како тоа не е добро за словенечкиот народ, како ќе се изгуби словенечкиот јазик. Го променивме Уставот во член кој дозволуваше странците да купуваат и поседуваат имот. Имаше политички расправи и дебати, имаше жешки расправи од тој аспект, но успеавме во тоа, бидејќи словенечката политика беше свесна дека треба да бидеме единствени кога треба да реализираме европски проекти. Се надевам дека политичарите ќе сфатат колку е битно единството и размислувањето дека треба да се оди пет/шест чекори напред и да се сфати што е добро за македонскиот народ. Јас искрено се надевам дека ќе покажете доволно политичка мудрост и ќе го смените Уставот, порача Пирц Мусар.