
Обезбедувањето терапија со „трикафта“ за болните од цистична фиброза остана во владините лавиринти, велат од Здружението на заболени од оваа болест. Според нив, ништо конкретно не мрдало во оваа насока од пред два месеци кога претставниците на здружението одржаа средби со надлежните институции за да побараат да се обезбеди терапија.
„Последниот пат кога бевме во Министерството за здравство ни рекоа дека чекаат одговор, одлука на Владата, за 15 дена Министерството за здравство треба да формира комисија да ги направи сите планови и рокови за да може да се обезбеди лекот трикафта. Рокот од 15 дена истече…“, рече Емир Сејфулаи, Здружение за цистична фиброза.
Пациентите моментално добиваат други алтернативни терапии. За тоа трошат и по неколку илјади денари во месецот.
И покрај тоа што пациентите над 26 години плаќаат приватно, надлежните појаснуваат дека лицата со оваа болест се целосно ослободени од партиципација и оти тоа е предвидено со програмата на Министерството за здравство, но не се спроведува. Во моментов државата обезбеди терапија со трикафта за само 12 пациенти чија состојба е критична. Други повеќе од 100 и понатаму ја чекаат.
Вјолца Алити