Мицкоски за германската резолуција: „Ова не е ни 5% од она што треба“
Мицкоски за германската резолуција: „Ова не е ни 5% од она што треба“

Германскиот Бундестаг со усвојување Резолуција ги поддржа македонскиот идентитет, јазик, култура и историја во пристапниот процес кон Европската Унија. Текстот го образложи германската државна секретарка за Европа, Ана Лирман која истакна дека промената на Уставот не го загрозува македонскиот идентитет, туку напротив го зајакнува мултиетничкиот карактер на државата.
„Повторно ќе отпатувам кратко во Скопје за четврти пат со колеги од Франција и Полска. Заедно ќе ги охрабриме за уставните измени чие усвојување е услов за земјата да го продолжи својот пат кон членство во Европската Унија“, изјави Ана Лирман – државен секретар за Европа.
Резолуцијата со која Германија дополнително се обврза да го поддржува членството на Македонија во Унијата беше поддржана од пратениците од сите владејачки партии, кои пак упатија порака до нивните колеги од германската опозиција кои гласаа „против“, а се сестринска партија на ВМРО-ДПМНЕ. Имено, тие беа против затоа што сметаа дека Резолуцијата требало да се однесува за европската иднина на целиот Западен Балкан, а не да се нагласува исклучиво само Македонија.
„Апелирам да помогнат колегите од конзервативната унија и нивната сестринска партија во македонската опозиција да ја убедат за гласање на уставните измени“, изјави Јосип Јуратовиќ – пратеник на Социјалистичка партија.
Во Резолуцијата исто така се наведува Бугарија да го поддржи пристапувањето на Македонија и „да се воздржи“ од дополнителни услови во процесот. Германската резолуција следува откако ВМРО-ДПМНЕ побара дополнителни гаранции за јазикот и идентитетот, но од страна на Советот на ЕУ. Иако го поздрави чекорот на Бундестагот, Христијан Мицкоски сепак денеска повтори дека со актуелните услови преговорите за земјава би се воделе под, како што оцени, бугарски диктат.
„Очекуваме такви резолуции и од други наши стратешки партнери во периодот што следува, но тоа не е ни пет проценти од она што овој народ го заслужува, а овој народ заслужува фер шанса каква што имале сите народи што пристапуваат кон ЕУ, а тоа е без условување, без отстапки по националниот идентитет“, рече Христијан Мицкоски – претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
„За жал ДПМНЕ освен блокади не направија ништо ниту за македонскиот идентитет и јазик, ниту пак за оваа резолуција. ДПМНЕ и Мицкоски треба да се засрамат за тоа. Особено што нивни сестрински партии во Бундестагот гласаа против Резолуцијата за потврда на македонскиот јазик, култура и посебност“, нагласи Дарко Каевски – пратеник на СДСМ.
Инаку, неофицијално, слична резолуција наредниов период може да се очекува и од други европски држави, како и од САД.
Лука Андреев