ВЕСТИМАКЕДОНИЈАРЕГИОН

Бугарија задоволна од германската „идентитетска“ резолуција за Македонија

Бугарија задоволна од германската „идентитетска“ резолуција за Македонија

Резолуцијата на Бундестагот е внатрешен акт кој не ги менува решенијата на Советот на Европската Унија усвоени минатата година, коментираат од бугарското Министерство за надворешни работи. Токму Бугарија беше спомената во германската резолуција со која се даде поддршка на македонскиот идентитет, јазик, култура и историја на патот кон ЕУ. Берлин побара Софија да се воздржи од дополнителни услови кон Македонија во пристапниот процес. Од Бугарија одговорија дека оваа резолуција на ниту еден начин не ја менува нивната национална позиција и е важно што Бундестагот не оставил можност за било каков нов договор различен од веќе усвоениот француски предлог.

Advertisements

„Декларацијата во основа го поддржува процесот на промена на Уставот на Северна Македонија, со што би се гарантирале еднакви права и слободи на Бугарите со другите народи во земјата. Ова е и главното барање на Бугарите во Северна Македонија. Од клучно значење е што документот не охрабрува обиди за повторно преговарање или незапазување на елементите од компромисот постигнат во 2022 година“, велат од Министерство за надворешни работи на Бугарија.

Од бугарското МНР додаваат дека согласно заклучоците на Советот на ЕУ и преговарачката рамка важно е Македонија да постигне опипливи резултати во реализирањето на Преспанскиот договор, Договорот за добрососедство со Бугарија, како и протоколите кои произлегуваат од него.

Инаку, германската Резолуција со која се дава поддршка на евроинтеграцијата на Македонија стана нов повод за обвинувања меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Социјалдемократите обвинија дека Мицкоски не успеал да излобира кај германската сестринска партија ЦДУ да гласа „за“ резолуцијата. Мицкоски пак ја поздрави резолуцијата, но за него сепак таа не е замена за фер услови за преговори за членство со Унијата.

Инаку, неофицијално, слична резолуција наредниов период може да се очекува и од други европски држави, како и од САД.

Лука Андреев

 

 

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button