
Градоначалниците на четирите северни општини треба да работат во алтернативни објекти, а потоа да одредат датум за новите избори во Северна Митровица, Зубин Поток, Звечан и Лепосавиќ. Вакви се и барањата на меѓународната заедница, вели експертот за политички прашања, Артон Демхасај. Според него, предлогот на премиерот Курти од пет точки и фокусирањето само на владеењето на правото, не може да донесе решение.
„Но, паралелно со ова, мислам дека Владата и премиерот Курти треба да побараат меѓународна поддршка, за поддршка на косовската полиција за секоја акција што ја презема на северот поврзана со борбата против криминалот или тенденцијата и владеењето на правото во таа област“, нагласи Артон Демхасај, аналитичар.
Недостиг на визија за деескалација на ситуацијата гледа и аналитичарот Албинот Малоку. Сепак, тој вели дека премиерот Курти често ги прифаќал меѓународните барања, но во последен момент.
„Не гледам голем напредок, притисоците во одредени моменти на меѓународниот фактор врз Косово изгледаат малку претерани… Сепак, сметам дека од политичката традиција на премиерот на земјата, тој го менуваше мислењето во моменти кога не се очекуваше да го смени, па мислам дека сега ќе го смени“, рече Албинот Малоку, аналитичар.
Демхасај го истакнува влошувањето на односите помеѓу Косово и меѓународните сојузници.
„Дали е поважно Косово да ги задржи овие градоначалници со неколку гласови во општинските објекти на северот или е поважен односот на Косово со нашите сојузници, особено со САД? Кога ги разгледуваме овие две прашања, најважно за Косово е да има добри односи со меѓународните партнери, особено со САД…“, изјави Артон Демхасај, аналитичар
Тензиите во северно Косово започнаа на 26 мај, кога избраните градоначалници во Зубин Поток, Звечан и Лепосавиќ отидоа во општинските објекти, потпомогнати од косовската полиција. Ситуацијата ескалираше на 29 мај, кога криминални групи ја нападнаа косовската полиција и војниците на КФОР, при што околу триесет од нив беа повредени. /Алсат.мк