Разрешување и политика во основно училиште во Шуто Оризари
Разрешување и политика во основно училиште во Шуто Оризари

Разрешен е директорот на општинското основно училиште „26 Јули“ во Шутка, Дритон Ганиу. Оваа одлука ги натера наставниците и вработените во училиштето да протестираат и да ја бојкотираат работата. Велат дека не се согласуваат со разрешувањето бидејќи се работи за политичко пазарење. Затоа, нема да се вратат на работа додека не им се врати директорот.
„Во училиштето нема место за политика, затоа што треба да се оценува работата на директорот, а не со директорите да се прави дневна политика. Кому како ќе му текне да го менува директорот без волја на колективот. Овој колектив брои повеќе од 150 наставници и никој не ги прашува за именување на директорот, за смена на директорот, за работата на директорот, за неговиот успех. Дневна политика прави кој како ќе му текне, ние ќе бојкотираме сè додека не се врати нашиот директор Дритон Ганиу“, изјави Садри Арифи, заменик- директор на ОУ „26 Јули“– Шуто Оризаре.
Наставниците бараат од министерот за образование да не дозволи уништување на училишниот колектив.
„Ве молиме да го разгледате ова наше барање и да го поддржите г-н Дритан Ганиу, да овозможите да продолжи да го води нашиот колектив“, рече Ќамуране Реџа, ОУ „26 Јули“- Шуто Оризаре.
Ниту министерот за образование Јетон Шаќири, ниту градоначалникот на Шуто Оризари, Курто Дудуш, не беа достапни да го коментираат разрешувањето на директорот. Но, Дудуш на социјалните мрежи информираше за разрешувањето на Ганиу, објавувајќи фотографија со претставници на Алијанса за Албанците и ДУИ во оваа општина со информација дека договорот произлегува од влегувањето на Алијанса во Владата.
Мефаил Исмаили